Бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска утре ќе ја посети Македонија и ќе биде дел од заедничкото чествување по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.
-Утре во РСМ ќе престојува министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, а повод е одбележувањето на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Министерката Генчовска ќе положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев, а од страна на РСМ ќе учествува нивната министерка за култура, соопштија вечерва на прес-конференција од бугарското МНР.
По денешниот телефонски разговор меѓу Генчовска и македонскиот шеф на дипломатија Бујар Османи, било обелоденето дека првиот човек на нашето МНР нема да биде дел од заедничкото чествување, поради тоа што е во работна посета на Брисел заедно со премиерот Димитар Ковачевски, појаснуваат бугарските медиуми.
Претходно македонската влада го поздрави учеството на делегациите на Бугарија во одбележувањето на 150-годишниот јубилеј од раѓањето на, за нас, најзначајниот историски лик за нашата земја, со што двете држави продолжуваат со напорите за интензивирање и продлабочување на вкупната соработка и зацврстување на довербата.