Таткото на малата Ембла Адеми, Илир синоќа во гостувањето на емисијата „Клик плус“ информира дека неговата ќерка е посреќна откако беше објавено дека се вратила во својата училиница со останатите деца од основното училиште „Единство“ во Гостивар.
„Ембла е посреќна. Чувствува дека е повторно со своите врсници, иако не може да ја изрази радоста. Ние како родители знаеме дека е среќна затоа што разликата од времето кога беше осамена е голема. Како родители сме среќни што оваа работа е завршена“, изјави Адеми.
Случајот со 11-годишната Ембла предизвика големи реакции во јавноста, откако родители на соучениците покренаа петиција девојчето кое е со Даунов синдром да не учи во исто одделение со нивните деца поради агресивност.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири вчера се сретнаа со родителите на девојчето и беше соопштено дека проблемот е надминат и дека Ембла од денес ќе продолжи со редовната настава во нејзиното одделение.