Премиерот Димитар Ковачевски уште еднаш потврди дека е отворена нова страница меѓу Македонија и Бугарија.
-Се договоривме со Петков да отвориме теми кои досега не беа отворени, како економијата, трговијата, културата. Работните групи веќе даваат резултати. Морате да комуницирате со некого доколку сакате да решите отворени прашања. Мора да ја вратиме довербата меѓу граѓаните, а да не се обвинуваме како што беше во еден период преку пропагандисти, вели Ковачевски во гостувањето на емисијата „200“.
Според него, Мешовитата историска комисија си работи врз нејзина методологија и заложбата од членовите на Комисијата е дека ќе ја забрзаат работата.
-Историските прашања треба да бидат мост кон иднината, а не раздор, појаснува Ковачевски.
Премиерот додава дека конечното решение ќе биде споделено со јавноста.
-Конечното решение треба да биде одржливо и базирано на европски вредности, да не се изгуби достинството. Лично според мене постои простор и двата процеси да бидат паралелни, односно да преговараме со Бугарија, но и да отвороиме преговарачките поглавја со ЕУ, со што и двете страни да не бидат незадоволни. Меѓутоа треба став и од другата страна. Има прашања за кои се разговара и има прашања за кои не се разговара. Јас сум за брзо решение, но не сум за избрзано решение, категоричен е Ковачевски.