Опозицијата постојано се противеше на предлогот за покачување на минималната плата, а реториката ја смени по усвојување на законот, вели во своето гостување во „Емисија 200“, премиерот Димитар Ковачевски.
„Опозицијата не е против оваа мерка од вчера, кога ја донесовме. Пред тоа беше против. И првиот пат кога ја носевме беше против. Од вчера не се или од изутрина прочитав дека не се“, вели Ковачевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски преку Фејсбук информираше дека неговата партија ќе даде едногласна поддршка во парламентот за зголемување на минималната плата.
Но, тој нагласува дека ВМРО-ДПМНЕ за возврат ќе бара доследно почитување на колективните договори и на коефициентите за сложеност на работните места, како и ребаланс на буџетот и зголемување на дотациите за општините.
„ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи зголемувањето на минималната плата во парламентот, едногласно, но истовремено ќе интервенира амандмански во законот и ќе бараме доследно почитување на колективните договори и на коефициентите на сложеност на работните места, кога се исплаќаат платите на сите вработени во администрацијата. Да има за сите, а помалку да има корумпираната Влада да краде. Очекуваме веднаш ребаланс на буџетот и зголемување на дотациите за општините од страна на Владата за целосно почитување на правата на сите вработени во образованието, градинките и администрацијата“,пишува Мицкоски откако Владата беше постигната согласност за зголемување на минималната плата на 18 илјади денари.