На Лестер Сити му треба мало освежување на тимот по завршувањето на сезоната во англиското фудбалско првенство, категоричен беше менаџерот на тимот Брендан Роџерс пред мечот со Ливерпул.
„Лисиците“ завршија на петтото место во последните две години, но моментално се на 12. место со 26 поени од 20 натпревари. Во неделата, тимот од Ист Мидлендс отпадна од ФА Купот по поразот од Нотингем Форест со 1-4.
„Ни треба малку освежување и тоа е многу природна работа во фудбалот. Девет од 11-те против Форест беа тука на мојот прв ден на работа пред три години и мислам дека треба да се развиваме. Ова не е одлука што ја донесов само поради овој пораз. Добро е осмислено“, изјави Роџерс.
Лестер играше голем дел од сезоната без клучните играчи како Џејми Варди, Весли Фофана и Џони Еванс, што го лиши тимот од голем дел од своите лидери.