Ковачевски: Останувам доследен на мојот принцип за предлагање компетентни и работливи личности со интегритет

од Берта Китинска
225 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обрати на седницата во Парламентот за избор на заменици-министри.

„Ја барам довербата за избор на нови заменици-министри. Останувам доследен на мојот принцип за предлагање компетентни и работливи личности, со интегритет. Уверен сум дека сите ја имаат потребната мотивација посветено да се вложат во имплементацијата на владината Програма којашто Вие ја поддржавте”, рече премиерот Ковачевски.

Премиерот Ковачевски потсети дека не прави селекција на луѓето по партиска, етничка, родова или друга субјективна линија, но исто така не прaви и компромиси, исклучоци и оправдувања.

„Сакам да ги уверам сите граѓани дека владиниот тим посветено и одговорно ќе продолжи да работи. Ве уверувам и сакам заедно да го споделиме оптимизмот и вербата за подобро време. Ве уверам дека нашите обврски и одговорности во целост ќе ги исполниме, за сите граѓани да ги остварат своите права и да живеат во подобра сегашност”, порача премиерот Димитар Ковачевски на седницата за избор на заменици-министри во Собранието на Република Северна Македонија.

За заменици-министри се предложени: Башким Хасани, за заменик на министерката која раководи со Министерството за одбрана, Назим Буши за заменик на министерот кој раководи со Министерството за внатрешни работи, Агим Нухиу за заменик на министерот кој раководи со Министерството за правда, Џабир Доко за заменик на министерот кој раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, Фатмире Исаки за заменичка на министерот кој раководи со Министерството за надворешни работи, Филип Николоски за заменик на министерот кој раководи со Министерството за финансии, Зоран Маневски за заменик на министерот кој раководи со Министерството за економија, Абдулшуќур Абедини за заменик на министерот кој раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владимир Рендевски за заменик на министерот кој раководи со Министерството за здравство, Лулзим Алиу за заменик на министерот кој раководи со Министерството за образование и наука, Зоран Димитровски за заменик на министерот кој раководи со Министерството за локална самоуправа, Даим Лучи за заменик на министерката која раководи со Министерството за култура, Александар Бајдевски за заменик на министерот кој раководи со Министерството за информатичко општество и администрација, Беким Реџепи за заменик на министерот кој раководи со Министерството за транспорт и врски и Христина Оџаклиевска за заменичка на министерот кој раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање.