Српската царина одзеде луксузен часовник и порше од македонски државјанин

од Nikola Popovski
376 прегледи

Српските цариници на преминот Прешево со Македонија спречиле обид за криумчарење на луксузен часовник „Патек Филип“, чија вредност се проценува на 115.000 евра, соопшти Српската царинска управа.

Цариниците задржале и автомобил „порше“ во кој патникот пристигнал на преминот, со што вкупната вредност на прекршокот е зголемена на речиси 30 милиони динари. Автомобилот со германска регистрација го управувал државјанин на Северна Македонија.

Тој патувал во друштво на сопатници и двајцата рекле дека немаат што да пријават на царинската контрола. Цариниците потоа на левата и десната рака на возачот пронашле два рачни часовници „Патек Филип – Наутилус Херен 5980 / 1Р“ и „Ролекс ГМТ Мастер II 40мм“, за кои сопатникот не поседувал никаква документација.

Рачниот часовник „Патек Филип“ е привремено задржан, а бидејќи неговата вредност надминува една третина од вредноста на превозното средство што се користи за транспорт, привремено е одземен и автомобилот.

Прекршочниот суд во Прешево донесе првостепена пресуда со која изрече парична казна од 150.000 динари и заштитна мерка одземање на стока – рачен часовник „Патек Филип“ и „Порше 911 карера“.

Доколку и по жалбената постапка не се смени одлуката на судот, и часовникот и автомобилот ќе бидат изложени на јавна продажба во Царинарницата во Ниш.

Слични содржини