Најавен скрининг: Дали и каков имунитет има населението?

од Nikola Popovski
315 прегледи

Од денес ќе почне скрининг-тестирање по случаен избор кое треба да покаже дали и каков имунитет на коронавирус има населението во земјава. Ова ќе ѝ помогне на Комисијата за заразни болести и на државата во планирањето на идните мерки.

-Очекуваме да дознаеме во овој момент, една година после првото истражување, колку од тестираните луѓе имаат некаков имунитет, информира претседателот на Комисијата за заразни болести (КЗБ), д-р Александар Петличковски.

Тој додаде дека тестирањето се планира да се прави на примерок од 1000 испитаници во Скопје, но најави дека има можност и да се прошири во целата земја.

Првото вакво тестирање беше направено пред речиси една година.

Министерот за здравство, Беким Сали најави серолошка анализа на целата територија на државата.

– Оваа анализа ќе ни покаже реално колку сме имунизирани. Имаме евиденција колку сме вакцинирани, колку се со една, две, три вакцини, со кави вакцини… Но, знаејќи дека особено сојот омикрон поминува со полесна клиничка форма, голем број од нашето население не отишле за ПЦР-тест или сами го поминале омикронот во домашни услови. И сакаме да имаме јасна слика колку од нашето население го поминале ковидот и врз основа на овие резултати, ќе имаме една слика и мислам ќе излеземе пред јавноста да речеме дека според нашите бројки, евиденцијата која ја имаме, 41 процент се имунизирани со вакцина, но врз основа на истражувањето, можеби, сме 60 проценти имунизирани на природен начин, изјави министерот за здравство.

Слични содржини