Раководството на Бугарскиот фудбалски сојуз ја разгледува опцијата Бугарија да биде домаќин на Македонија во арената Хувефарма во Разград. Натпреварот е закажан за 2 јуни, кога и почнува новиот циклус на Лигата на нации, каде сме во група и со Грузија и Гибралтар.
-Навистина постои таква опција. Разговаравме со стручниот штаб некои од натпреварите да се играат на различно место од Софија. Една од опциите е да бидеме домаќин на Северна Македонија во Разград. Сепак, ова се само разговори, не е финална одлука, вели техничкиот директор на бугарската репрезентација Георги Иванов-Гонзо.
Како што е познато, репрезентацијата на Бугарија традиционално е домаќин на стадионот „Васил Левски“ во Софија, каде од различни причини последната деценија ретко собира многу навивачи да му дадат поддршка на националниот тим. Според бугарски „Топ спорт“, постои загриженост за можни провокации на ултрасите во главниот град, доколку евентуално би гостувала македонската репрезентација.