Не стивнуваат реакциите од високите суми на сметките за електрична енергија за кои граѓаните обвинуваат дека бројките за потрошени киловати, не соодвествуваат со бројките на сметките.
Според првиот човек на РКЕ причината за зголемената сума е несоодветното отчитување на броилата.
-Причината за високите сметки за струја во изминатиот месец што пријавија дел од граѓаните низ земјава е несоодветното отчитување на броилата, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, кој присуствуваше на собраниската Комисија за економски прашања на која трет ден се разгледува Предлог финасискиот план на РКЕ за 2022 година.
Според него, РКЕ посредувала во решавање на проблемите на граѓаните кои пријавиле дека добиле несоодветни високи сметки.
-Граѓаните да си го отчитаат броилото и состојбата да ја пријават. ЕВН Хоме е должен да фактурира по состојбата што граѓаните ја пријавиле со самоотчитување, информира Бислимоски.
Дел од граѓаните се пожалија дека сметките за електрична енергија во јануари им биле многу повисоки од очекуваните 9, 48 проценти зголемување.
Од ЕВН во разговор со „Локално“ објаснуваат дека секој киловат час потрошена електрична енергија од 1 јануари се пресметува по новата цена и дека во најголемиот дел од пријавите кои пристигнале до компанијата се работи за точно потрошени киловат часови колку што е во сметката.
-Сметките за електрична енергија во зимскиот период вообичаено се повисоки од другите месеци, со оглед на тоа што, за жал, повеќето граѓани немаат друга опција за греење. Дополнително во Скопскиот регион регистрирана е зголемена потрошувачка на електрична енергија поради догревање во деловите кои се снабдуваат со топлинска енергија, а според корисниците имаат одреден проблем во снабдувањето. Како што е познато, и цената е зголемена од 1 јануари, па сите киловати потрошени од почетокот на годината се пресметуваат по новата цена која следеше по значително повисоките цени по која ЕВН ја набавува електричната енергија, објаснуваат од компанијата.