Земјите од регионот ги замрзнуваат цените на горивата, транспортерите алармираат земјава да го следи примерот

од Берта Китинска
406 прегледи

Осма седмица по ред расте цената на горивата.Регулаторната комисија за енергетика во понеделникот донесе одлука во следните седум дена цените на горивата да се зголемат, за 1 денар за бензинот, 0,5 денари за дизелот.

Иако во крајната цена на горивата повеќе од 40% се давачки кон државата, од Владата нема најави за дополнителни интервенции за да се замрзне или намали цената на горивата.

-За разлика од држави во кои пазарот на нафтени деривати е целосно либерализиран, што значи трговците сами ги утврдуваат цените на нафтените деривати, кај нас постои регулација.Согласно Законот за енергетика донесен во 2018 година Регулаторната комисија за енергетика носи одлука за определување на највисоки цени на одделни нафтени деривати и горива за транспорт врз основа на Методологија за формирање на највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати, велат во изјава за „Локално“ од Владата.

Оттаму додаваат дека во согласно со оваа методологија Северна Македонија има најефтини горива и дека сите нафтени деривати во земјата се од увоз и истите зависат од движењата на цената на светските берзи.

-Владата уште во јули лани донесе одлука за укинување на дополнителната акциза на дизел горивото со што граѓаните плаќаат два денари пониска цена.Целта на оваа одлука беше да се заштити стандардот на граѓаните преку утврдена варијабилна акциза која зависи од цената на светската берза.Со измените што се направени во Законот за акцизите во април минатата година сме осигурени да нема висок раст на цените на горивата, така што ставивме варијабилна маргина која е поврзана со цената на барел нафта на светската берза. Така, ако цената на нафтата на светската берза расте, оваа маргина ќе се намалува што ќе влијае на крајната цена на горивата кај нас, посочуваат од „Илинденска“.

Транспортерите предлагаат државата да ги следи примерите од регионот

Од здружението на транспортери Макамтранс велат дека товарниот патен превоз е една од најкритичните алки во синџирот на снабдување, а со соодветна политика и насочени мерки таа може да биде лост за развојот на нашата национална економија, особено што превозот на стока по сувоземен пат е 96% споредено со останатите начини на превоз на стока.

-Во изминатиот период сведоци сме на постојано зголемување на цените на нафтените деривати кои учествуваат со голем процент во цената на превозот (од 45% до 60%) што од своја страна повлекува зголемување на цени на превоз кои трговците ги вкалкулираат како можен трошок во цената на единица производ, односно на поединечните цени на сите производи и репроматеријали кои се превезуваат, што доведува до ризик од висока инфлација. За разлика од трговците превозниците со големи тешкотии успеваат да издејствуваат минимални покачувања на цените за превоз поради големата нелојална конкуренција на транспортниот пазар.Соочувајќи се изминатиов период со постојано зголемување на цените на нафтените деривати кои учествуваат со голем процент во цената на превозот, Асоцијација Макам-транс како репрезентативен претставник на превозните трговски друштва поднесуваше повеќе иницијативи во последните десетина години, а пред се поднесувавме барање за имплементирање на обврска за враќање на дел од акцизите за комерцијални превози согласно член 7 од Директивата 2003/96/ЕЗ која се применува во сите држави членки на ЕУ, Србија и Црна Гора, велат од здружението.

Оттаму додаваат дека фактичката состојба на терен, но и активностите кои ги спроведуваат другите држави ги поттикнале повторно да се обратат до владата и сите економски министри (11.02.2022) и по принципот на други држави да побараат да се направат соодветни измени во законската материја и да се овозможи рефундација на акциза за превозните трговски друштва како долгорочна мерка.

-Поточно, предлагаме имплементација на слични политики што ги следат земји-членки на ЕУ и други со цел да се зајакне секторот за товарен превоз и синџирот на снабдување воопшто, кои се лост за развој на националната економија на една земја и секако ја олеснуваат меѓународната трговија, извозна дејност. Нашиот предлог за неутрализирање на последиците од брзиот пораст на цената на дизелот, но и на електричната енергија кои предизвикаа низа зголемувања на цените и даноците поврзани со гориво и други оперативни трошоци на превозните друштва, одржување на возила итн., цените за траект, патарини, мостарини се следни:

– Хрватска по втор пат ја замрзнува цената на горивата;
– Србија донесе одлука за замрзнување на цената на горивата;
– Субвенција за трошоците за литар/ гориво во евра по примерот на:

Белгија 0,2476 е/л; Италија 0,2142 е/л; Франција 0,1771 е/л; Словенија 0,0627 е/л; Шпанија 0,0490 е/л и Унгарија 0,0110 е/л, според информација од здружението ОФАЕ од Грција, до нивната Влада и ресорното министерство имаат доставено исто барање за субвенции на горивото.Порастот на цената на нафтата е светски феномен што владата секако не може да го спречи, но таа може до извесна мера да ги ублажи негативните последици од тој пораст врз стопанството и сите граѓани, со субвенции како краткорочна мерка, а со рефундација на дел од акцизата како долгорочна мерка, објаснуваат од Макамтранс.

Тие посочуваа дека негативни влијанија од покачувањето на цените на нафтените деривати најмногу ги чуствуваат превозниците, но индиректно тие ќе влијаат и на покачување на цената на голем број услуги и производи во нашата држава.

Побарувачката за бензини е иста

Од Бензиската „Пин Петрол“ известуваат дека за сега кај нив покрај зголемената цена горивата побарувачката останала иста.

Бензински станици

-Сметаат дека треба да се замрзнат цените на горивата зошто може да дојде до намалување на побарувачката. Воедно жителите на други држави доаѓаат во Македонија по набавка на горивата, зошто таму цената на горива е поголема и најчесто доаѓаат од Србија, велат од „Пин Петрол“.

Пример на некои држави од регионот

Србија и Хрватска веќе ги замрзнаа цените на горивата.Во следните 30 дена Србите за литар наточен дизел ќе плаќаат 1,52 евра а за бензинот 1,45 евра. Во Хрватска пак цената на евросупер чини 1,51 евро, а литар дизел 1,50 евра. Во соседството, горивото е најефтиново Албанија и Косово. Во Косово дизелот и бензинот чинат по 1 евро , додека во Албанија 95ката е 1,20 евра, а литар дизел е 1, 16 евра. За разлика од соседството, во МК цените на горивата постојано растат, а надлежните не превземаат ништо.

Унгарија го замрзна цените уште во ноември, а ситуацијата во оваа земја ќе останат непроменети до 15 мај.

За да ја зачуваат куповната моќ на населението, државите ги намалија и некои азиски за даноците со цел да го спречат поскапувањето на горивата.

Законско решение

Според законското решение дополнителната акциза од три денари кај бензините е предвидена доколку цената на светската берза е под 390 долари за тон, ако е помеѓу 390 и 590 долари за тон дополнителната акциза изнесува 2 денари и ако е над 590 долари за тон тогаш дополнителната акциза е 0 денари, односно се укинува.Кај дизел горивото и екстра лесното масло за домаќинство е предвидено дополнителна акциза од 3 денари ако цената на светската берза е под 400 долари. Дополнителна акциза од 2 денари е предвидена за дизелот кога на светската берза е меѓу 400 и 600 долари за тон и доколку цената на светската берза е над 600 долари таа изнесува 0 денари.
Во моментот малопродажната цена на „еуросупер БС-95“ изнесува 82 денари за литар, а „еурсипер БС-98“ се продава по цена од 82 денари за литар. Додека пак „Еуродизел“ ќе се продава по цена од 74 денари за 1 литар.

Б.М.

Слични содржини