Директорот на Модерна: Шансите дека во иднина ќе имаме помалку опасни соеви се 80 проценти

од Nikola Popovski
312 прегледи

Директорот на американската фармацевтска компанија Модерна, Стефан Бансел ја оцени како разумна претпоставката дека светот се приближува кон последната фаза од пандемијата на коронавирусот.

„Мислам дека тоа е разумно сценарио. Додека омикрон се шири во светската популација, веројатноста дека во иднина ќе имаме помалку опасни соеви е 80 отсто“, рекол Бансел, пренесува загрепски „Јутарњи лист“.

Сепак, тој предупреди дека има 20 отсто шанси следната мутација на корона вирусот да биде поопасна од сојот омикрон.

Бансел изјави дека, иако сојот омикрон предизвикува поблаги форми на болеста, илјадници луѓе ширум светот сè уште умираат од него секој ден.

Според Светската здравствена организација, во последните седум дена се пријавени 15,47 милиони нови случаи, а починале 73.162 лица.

Во февруари, фармацевтската компанија Модерна го објави почетокот на клиничкото испитување на ефикасноста на специјалната бустер вакцина, наменета за борба против омикрон.

Првите волонтери веќе примиле бустер, а во истражувањето учествуваат 600 лица на возраст над 18 години.

Фото: Debbie Hill/UPI

Слични содржини