Доколку сакаме да се грижиме за нашето здравје, важно е да знаеме кои намирници придонесуваат за добар имунитет и ги обезбедуваат потребните хранливи материи. Меѓу таквите намирници е и зелката која, меѓу другото, спречува многу опасни болести и воспаленија.
„Зелката е одличен зеленчук бидејќи има малку калории и е богата со полифеноли и антиоксиданси, вклучувајќи го и витаминот Ц“, вели нутриционистката Амбер Панконин, додавајќи дека зелката е богата и со влакна, што доведува до подолго чувство на ситост, пишува „EatThis“.
Ако досега ја избегнувавте зелката, можеби е време тоа да го промените. Една од главните причини е тоа што зелката може да помогне во спречување на одредени видови на рак и намалување на воспалението, сето тоа затоа што е полна со антиоксиданси.
„Антиоксидансите помагаат да се неутрализираат слободните радикали во телото кои можат да предизвикаат оксидативен стрес. А тоа може да предизвика рак, срцеви заболувања или други болести“, вели Панкокин.
Исхраната богата со зеленчук како што е зелката може да помогне да се намали ризикот од хронични болести, додаде таа.
Кога има премногу слободни радикали во телото, тоа може да предизвика оксидативен стрес што доведува до развој на хронични болести кај луѓето.
Зелка може да биде ефикасна и во спречување на рак на дебелото црево. Студијата од 2018 година објавена во списанието „Immunity“ покажува дека глувците хранети со зелка имале позитивен имунолошки одговор во цревата што ги заштитил од воспаление и рак.
Нутриционистката забележува и дека покрај тоа што зелката ќе го намали ризикот од развој на рак и хронични болести, таа е и евтина.
„Како нутриционистка, ја обожавам зелката не само затоа што е хранлива, туку и многу прифатлива, лесна за подготовка и достапна за секого“, вели таа.