Се намалува пикот на четвртиот бран, епидемиолошката состојба благо се подобрува, изјави денеска министерот за здравство Беким Сали.
Министерот Сали и заменик министерот Владимир Рендевски ги посетија здравствените тимови на пунктот за серолошки скрининг во Битола, а остварија и средби со граѓаните.
Како што рече Сали, серолошкиот скрининг ќе овозможи да се добие јасна слика за општата состојба на населението, а од тоа ќе зависи и носењето нови препораки и мерки.
-Епидемиолошката состојба во цела држава благо се намалува, односно се намалува пикот од четвртиот бран. Нивото на вакцинација и целосна имунизација кај нас е пониска од државите членки на ЕУ. Ние посакуваме позитивни резултати од оваа анализа за да потоа ги намалиме мерките односно да бидеме послободни за функционирање. Ако добиеме позитивни резултати според кои ќе има над 70 отсто од вкупната имунизација во државата, тогаш ќе почнеме со олабавување и олеснување на мерките, истакна министерот.
Според планот на Министерството за здравство, предвидено е да се направат околу 3.000 анализи, од кои 1.000 во Скопје каде е во тек собирањето на материјалот, а останатиот серолошки скирининг ќе се реализира во други градови.
-Задоволни сме од одзивот на граѓаните, има претставници од сите возрасни групи и тоа ќе овозможи да добиеме јасна слика за општата состојба на населението. Од резултатите што ќе ги добиеме со серолошката анализа ќе пристапиме кон нови препораки и мерки за функционирање на институциите. Позитивно сме изненадени и од реакцијата на родителите кои само во текот на вчерашниот ден дадоа над 4.000 одобренија за да се направат скрининг анализи кај нивните деца од школска возраст. Тоа го направивме зашто во Комисијата за заразни болести забележавме благо покачување на ново инфицирани лица на возраст од 6 до 14 години и затоа пристапуваме превентивно. Во овој момент резултатите се позитивни и од направени 200 анализи завршени во текот на вчерашниот ден, регистриравме само еден позитивен резултат. Доколку ваквиот тренд продолжи, тогаш ќе нема потреба од продолжување на тие анализи кај учениците, нагласи Сали.
Од Министерството за здравство информираа дека се надминати нејаснотиите околу формулацијата на надоместокот за работа во недела за здравствените работници, корекцијата е направена и надоместокот непречено ќе се плаќа за работа во недела.