Средба Пендаровски – Солана, разговарале за актуелните политичко-безбедносни случувања во Европа

од Milan1
201 прегледи

На маргините на Минхенската безбедносна конференција, денеска претседателот Стево Пендаровски се сретна со Хавиер Солана, поранешен генерален секретар на НАТО, Висок претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ и министер за надворешни работи на Шпанија, соопштуваат од кабинетот на Претседателот.

Во фокусот на разговорот, како што соопшти кабинетот на претседателот Пендаровски, биле актуелните политичко-безбедносни случувања во Европа, нивното влијание врз нашиот регион и важноста од неговото интегрирање во Унијата.

Претседателот Пендаровски го информирал соговорникот за последните внатрешно-политички настани во земјата, текот на реформските процеси и новата динамика во добрососедските односи.

„Солана, кој е актуелен претседател на Центарот за глобална економија и геополитика (EsadeGeo) и докажан пријател на Северна Македонија вклучувајќи се и во Охридската група за поддршка на земјата за членство во ЕУ и НАТО, уште еднаш ја поздравил македонската конструктивна улога на Западниот Балкан како пример за решавање на тешки прашања, како и потребата за реализирање на европската агенда во контекст на интеграциите, согласувајќи се дека Унијата треба што побрзо да ги имплементира своите одлуки“, истакнуваат од Кабинетот на Претседателот.