Новак Ѓоковиќ ја започна својата 361-ва недела како бр.1 на АТП листата, но со значително помала предност.
Имено, бодовите кои Србинот ги освои лани на Австралија опен, од нив 2.000, се избришани овој понеделник, па разликата меѓу него и Русинот Данил Медведев драстично е намалена.
Ѓоковиќ е прв со 8.875 бодови, додека Медведев е втор со 8.435 бодови.
Така, битката за првата позиција следната недела ќе се води на турнирите во Дубаи и Акапулко, каде што настапуваат.
Инаку, во првите десет нема промени во однос на минатата недела.
Трет е Александар Зверев со 7.515 бодови, додека Стефанос Циципас е четврти со 6.565 бодови.
Камерон Нори, шампионот на турнирот во „Делреј Бич“ скокна за една позиција, од 13. на 12. место.
Помал скок од една позиција забележа и финалистот на Рио, Диего Шварцман, кој сега е 13-ти.
Шампионот на тој турнир, Шпанецот Карлос Алкарас, за првпат е во Топ 20 во светот.
Тенисерот од Мурсија направи скок за девет позиции, од 29. на 20. место и сега има 2.061 бод.