Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска имаше свое обраќање на конференцијата за промоција на петтиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023.
На конференцијата, на која учествуваа и Санџеј Прадан, извршен директор на Меѓународната иницијатива Партнерство за отворена власт, Адмирим Алити, министер за информатичко општество и администрација, Фани Каранфилова-Пановска, извршна директорка на Фондацијата Отворено општество и други претставници на институциите и граѓанските организации, премиерот Ковачевски истакна дека Северна Македонија, како една од 78-те земји што во 2011 година ја потпишаа Декларацијата за отворена влада, од која произлезе Меѓународната иницијатива Отворено владино партнерство што е во тесна и продуктивна соработка со граѓанскиот и бизнис секторот и останува максимално посветена на имплементација на принципите за отворена власт.
„Владата во тесна и продуктивна соработка со граѓанскиот и бизнис секторот и денес останува максимално посветена на имплементација на принципите за отворена власт.
Таа вклученост на сите засегнати страни како партнери и како контролни механизми, ја направија оваа Влада потранспарентна и поодговорна. Процесот создаде основа за партиципација, за ефикасно управување со јавните ресурси, за градење на систем на интегритет и за создавање на средина за пристап до информации и отворени податоци.
Горди сме што сме на прво место по отвореност и транспарентност во регионот. Да се биде на последно место во 2016 година, да се стигне до првото место и да се задржи првото место три години по ред, значи волја, одлучност, посветена работа и одговорност“, изјави тој.