Амбасадорот Ефремов за „Локално“: Македонците ќе ја напуштат Украина само по голема ескалација на состојбата

од Берта Китинска
493 прегледи

Во моментот состојбата во Киев е мирна, како и во другите населени места во Украина освен во регионот Донбас на источната граница. Оваа состојба предизвикува определена несигурност и загриженост кај граѓаните заради опасноста од проширување на конфликтот и во другите делови на Украина, вели во изјава за „Локално“, амбасадорот во Украина Крум Ефремов.

Тој информира дека во Украина има околу 100 тина наши граѓани од кои 13 си имаат заминато, додавајќи дека во амбасадата има најава дека уште еден Македонец утре од Киев со авионски лет ќе пристигне во Скопје.

-Потенцираме дека можеби бројот е и поголем бидејќи ова се податоци од нашите граѓани кои ни пријавиле во Амбасадата дека заминуваат. Во двете области каде е безбедносната криза немаме наши граѓани кои живеат таму. Имаме еден наш граѓанин кој е во населеното место Покровск на западниот дел од регионот Доњецк, со кој неколку пати сме контактирале при што ни е кажано дека состојбата е мирна. Укажуваме дека најголем дел од нашите граѓани се со постојан престој во Украина. Односно истите се повеќе години во Украина, оформиле семејства, стопанисуваат и работат тука, како и имаат свои станови, куќи и други недвижности. Кај најголем дел од нив е укажано дека ќе ја напуштат Украина само ако има голема ескалација на состојбата, објаснува Ефремов, додавајќи дека украинското раководство упатува смирувачки пораки со цел да се намали вознемиреноста кај граѓаните.

Дипломатот во Kиев вели дека амбасадата доби средства за тековно тримесечно функционирање како превентива од можно нарушување на работењето на банките во Украина.

-Министерството за надворешни работи во соработка со Амбасадата има изготвено неколку планови за сите можни сценарија во однос на евентуалното враќање или евакуација на нашите дипломати од Украина, напоменува тој.

Според него секоја безбедносна криза предизвикува и економски последици и штети.

-Да се надеваме дека набрзо ќе се изнајде дипломатско решение кое ќе овозможи деескалација на состојбата во Украина, вели тој.

Б.М.

Слични содржини