Мигрантите се судрија со полицијата во градот Тапачула на југот на Мексико, незадоволни од тоа што со месеци чекаат властите да им одобрат премин на границата со САД.
Мигрантите, претежно од Хаити и Африка, веќе еден месец протестираат во Тапачула, во близина на границата на Мексико со Гватемала, а во вторник протестите прераснаа во насилство, при што демонстрантите фрлаа камења и физички се судрија со Националната гарда и полицијата.
Националниот институт за миграција издаде соопштение во кое ги осудува „насилните демонстрации“ пред неговите објекти во Тапачула.
Владината агенција соопшти дека околу 100 мигранти од Куба, Хаити и Африка протестирале во обид порано да им се обезбедат термини за нивната имиграциска процедура.
Секоја година, стотици илјади мигранти, претежно од Централна Америка, бегаат од насилството и сиромаштијата во нивните земји и го преминуваат Мексико во обид да стигнат до САД, наведува „Ројтерс“.