Премиерот Димитар Ковачевски го осуди чинот на отворена воена агресија од страна на Русија врз Украина.
-Војната е најлошиот начин за решавање на недоразбирањата, а агресијата врз Украина е закана и за европскиот и светскиот мир. Владата ја следи многу внимателно состојбата во Украина. Безбедносната состојба во нашата земја е стабилна и во овој момент не постои директна закана за безбедноста на Северна Македонија, соопшти Ковачевски.
Тој потенцира дека покрај безбедносната состојба, владата одблиску ги следи и промените во светските економски текови кои се дестабилизирани од новонастанатата состојба.
-Владата како и досега ќе делува максимално одговорно и во најдобар интерес на заштита на домашната економија и финансиската состојба на граѓаните, појасни премиерот.
Рускиот претседател Владимир Путин утрово го најави почетокот на нападот врз Украина. Во обраќањето до нацијата, Путин најави почеток на „специјална воена операција“ чија цел е „демилитаризација и денацификација, а не окупација на државата“. Првите извештаи за експлозии доаѓаат од Украина, вклучително и Киев.