Возачот на Мекларен во Формула 1, Ландо Норис изјави дека најголемата промена кај болидите во 2022 година е зголемувањето на нивната тежина, а не аеродинамичките промени.
Според Британецот, кој беше најбрз на вчерашниот прв ден од претсезонските тестови во Барселона, зголемувањето на тежината за близу 50 килограми има најголемо влијание врз однесувањето на болидите. Причината за тоа е зголемувањето на масата на автомобили при преминот кон тркала од 18 инчи и зајакнувањето на безбедносните структури околу пилотската кабина.
„Тежината прави голема разлика во возењето и однесувањето на автомобилот. Многу е потежок од лани. Се чувствува многу побавно, понесмасно. Тоа е како возење со гориво за трка, но правите квалификациски круг. Разликите се чувствуваат најмногу во сопирањето. Изведбата не е иста. Сепак, не верувам дека ќе ни треба долго време да се навикнеме на овие карактеристики. Тоа наскоро ќе биде новата норма за нас“, рече Норис.
Слично мислење искажа и ѕвездата на Хаас, Мик Шумахер, кој поради проблеми со подот на ВФ-22 направи само 23 круга на првиот ден од тестовите на „Каталонија“.
„Мислам дека големата разлика е во тежината. Ова има големо влијание на речиси секој свиок, но особено на бавните. Генерално, уживав во чувството на новиот автомобил. Направив само 23 круга, но се надевам дека ќе направам повеќе во наредните денови. Моите првични впечатоци се позитивни“, вели младиот Германец.
Тој направи и подетална споредба меѓу новите болиди и користените до крајот на минатата сезона.
„Не би рекол дека е како ноќ и ден. Уште возиме во круг и сме брзи. Во принцип, без да навлегуваме во детали, ќе мора да се прилагодиме. Ќе мораме поинаку да ги анализираме работите и да имаме поинаков пристап. Ќе имаме различни грижи и ќе биде важно кој најбрзо ќе се прилагоди и најдобро ќе ја реши загатката“, изјави Шумахер.