Територијалниот интегритет на Украина како и на секоја суверена земја е константа и мора да се почитува, а сите различни ставови во поглед на актуелните прашања да се решат по дипломатски пат, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, искажувајќи го својот став за воените дејствија во Украина.
Мицкоски додава „жалам што не можам да сторам повеќе, а се би дал да можам да спречам страдање на цивилите и невини човечки жртви“.
-Но она што исто е важно за мене како човек и Македонец, како Македонија ќе се справи со актуелните предизвици на економски и енергетски план, какви се резервите со кои Македонија располага во услови на криза која надоаѓа, ќе продолжи ли криминалот и корупцијата како и распродавањето на националните интереси… Работата на политичарите е да воспостават мир, да градат пријателства и да се даде шанса на дипломатијата. Да се сочува меѓународното право и принципи, да се сопре агресијата и да се почитува територијалниот интегритет на секоја независна и суверена држава, побара претседателот на најголемата опозициска партија.