Бајден: Путин е агресор, ќе сносат последици и тој и Русија (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba
284 прегледи

Американскиот претседател Џо Бајден и се обрати на јавноста во врска со рускиот напад врз Украина.

„Путин го планира ова со месеци, тоа го кажуваме долго време. На границата има собрано повеќе од 170.000 војници. Тој ги отфрли сите дипломатски напори на САД и нивните сојузници. Со недели предупредуваме дека тоа ќе се случи. И сега тоа се случува повеќе или помалку како што предвидовме“, рече Бајден.

„Тие ја обвинија Украина за геноцид и агресија. Тие ги признаа т.н републики на украинска територија. Путин објави војна и за само неколку моменти ракетите почнаа да паѓаат врз Украина“, рече Бајден.

Тој додаде дека Путин ја избрал оваа војна.

„Путин е агресорот. Путин ја избра оваа војна и сега тој и неговата земја ќе ги сносат последиците. Денеска најавувам строги санкции, последиците ќе бидат тешки за руската економија. САД тоа не го прават сами, туку во соработка со ЕУ и многу партнери ширум светот. Само што разговарав со лидерите на Г7. Ќе ја ограничиме способноста на Русија да работи во долари, фунти и евра“, рече Бајден.

„Денеска руската берза пропадна. Ги блокиравме руските банки, ја отсековме Русија од американската финансиска структура. Денес во санкциите вклучуваме уште четири големи банки, вклучувајќи ја и ВТБ“.

Во своето обраќање Бајден рече дека тие „удираат на нивната високотехнолошка индустрија“ и дека тоа ќе ги спречи да ја модернизираат армијата.

„Исто така, преземаме чекори за одбрана на нашите сојузници во НАТО. Утре ќе се одржи самит на НАТО со 30 земји. Таму ќе ги договориме следните чекори. Само оваа година испративме воена опрема во вредност од 650 милиони долари. Американската војска нема да се бори во Украина, но ќе ја браниме секоја педа од територијата членка на НАТО. НАТО никогаш не бил обединет вака. Повторувам, за НАТО, нападот врз една членка е напад врз сите членки“, рече тој.

Бајден посочи дека НАТО утринава го активирал својот одбранбен план и дека одобрил испраќање дополнителни трупи за итни реакции.

„Оваа агресија не може да остане без одговор. Америка им се спротивставува на угнетувачите, Америка се бори за слобода. Тоа сме ние. Подготвени сме за сите хакерски напади, подготвени сме да одговориме на нив“, рече Бајден.

Синоќа се слушнал и со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

„Синоќа разговарав со Зеленски и му реков дека САД се со него и ќе му ја дадат сета поддршка што му е потребна. Украина е независна во последните 30 години и тие покажаа дека нема да толерираат некој кој се обидува да ја киднапира нивните земја. Ова е опасен момент за цела Европа. Сега е јасно што ги интересира Путин и неговите криминалци, тој сака империја по секоја цена, со менување на границите со сила и започнување војна без причина“.

Бајден повтори дека „агресијата на Путин скапо ќе ја чини Русија“.

„Бидете сигурни во тоа. Кога ќе се пишува историјата, ќе остане напишано дека агресијата на Путин врз Украина ја остави Русија слаба, а остатокот од светот посилен. Путин нема да ги згасне демократијата и слободата. Слободата ќе победи“, заклучи Бајден.

Слични содржини