Напорите на Министерството за образование и наука за модернизација на средното стручно образование и негово прилагодување на потребите од стручен кадар на локално ниво, не секаде се добронамерно сфатени и најдобро прифатени. Класичен пример за тоа е денешната одлука на општина Тетово да го откаже настанот организиран по овој повод кој беше однапред договорен како дел од поширока агенда за дијалог со бизнис заедницата и сите локални самоуправи во државата, а поддржан од проектот „Образование за вработување“ и од амбасадата на Швајцарија, реагираат од МОН, откако градоначалникот на Тетово, Касами ја откажа средбата со министерот за обарозование.
-Одлуката на општина Тетово не е во најдобар интерес ниту на идните средношколци од градот, ниту на бизнис заедницата која покажа подготвеност да се вклучи во проширување на концептот на дуално образование и обезбедување на добри услови за практична обука и квалитетно стручно усовршување и подготовка на младите тетовчани за брз и успешен настап на пазарот на трудот. Во иднина разумот мора да надвладее, бидејќи носителите на политички функции имаат обврска да работат и служат во интерес на граѓаните. Ниту една измислена причина не може да ја затскрие политичката позадина на ваквата постапка на градоначалникот на општина Тетово. Чекорот е погрешен, бидејќи во образованието нема простор за политика и за правење обиди за собирање на политички поени. Во образованието фокусот се и мора да бидат учениците, наставниците, студентите, професорите и нивните најдобри интереси, велат од МОН.
Оттаму додаваат дека откажаниот настан од страна на општина Тетово ќе се одржи во некој од следните денови .