Нашите дипломати од Украина се евакуирани преку безбедносен коридор

од Vladimir Zorba
208 прегледи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи информира денеска дека пред половина час успеале да ги извлечат нашите дипломати во Украина преку безбедносен коридор и тие се веќе тргнати кон Молдавија.

– Ситуацијата, посебно во текот на ноќта во Киев е влошена,. Ние одлука за евакуација на нашите дипломати имаме донесено на денот на руската агресија во Украина, но поради отежнатите околности тие не беа во состојба да ја напуштат Амбасадата. Целиот овој период беа во скривница. Ние потоа преземавме неколку координации со наши партнери и успеавме пред половина час да ги извлечеме нашите дипломати преку безбедносен коридор и тие се веќе тргнати кон Молдавија, рече Османи.

Министерот информира дека денеска успеале и да почнат процес на евакуација за 30 наши монитори во рамки на Специјалната мониторинг мисија. Дел од нив, како што кажа, во моментов се упатени кон Молдавија, а дел од нив кон Полска.

– Само што се тргнати на пат, не можам да кажам кои се тие аранжмани од безбедносни причини, но веќе се тргнати во еден конвој за напуштање на Украина, рече Османи.