Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен вечерва изјави дека САД, Франција, Германија, Италија, Канада и Обединетото Кралство одлучиле да воведат дополнителни санкции против Москва, вклучително и исклучување на голем број руски банки од глобалниот меѓубанкарски платен систем SWIFT.
Фон дер Лејен најави дека на лидерите на ЕУ ќе им претстави пакет нови санкции за усвојување.
„Прво, ние сме посветени да обезбедиме одредени руски банки да бидат отстранети од системот SWIFT. Ова ќе ги спречи да вршат финансиски трансакции и ќе го блокира рускиот извоз и увоз. Ова ќе обезбеди дека овие банки се исклучени од меѓународниот финансиски систем и ќе им наштети на нивната способност да работат на глобално ниво“, рече Фон дер Лејен.
Во вонредното обраќање од Брисел, претседателката на Европската комисија изјави дека дополнителни санкции ќе ги парализираат средствата на руската централна банка, која, како што додаде, ќе ги замрзне нејзините трансакции во распределбата на девизните резерви со цел да се ублажи влијанието на меѓународните санкции на руската економија.
Фон дер Лејен додава дека ќе работат на забрана на руските олигарси да ги користат нивните финансиски ресурси на меѓународните пазари.
„Сите овие мерки значително ќе ја оштетат способноста на Путин да ја финансира својата војна и ќе имаат разорно влијание врз руската економија. Путин тргна да ја уништи Украина, но она што го прави е уништување на иднината на сопствената земја“, заклучи Фон дер Лајен во вонредното обраќање од седиштето на Европската комисија во Брисел.