Гошевски: Криптовалутите можеби се најдобра алтернатива во момент на ваква неизвесна ситуација

од Vladimir Zorba
650 прегледи

Поголем пад на вредностите се забележани на севкупниот пазар на капитал, не само кај Биткоинот и останатите криптовалути – почнувајќи од нашата македонска берза, па се до најголемите светски берзи, вели во разговор за „Локално“ адвокатот и експерт за крипто-пазарот – Душко Гошевски.

Тој напоменува дека ако се погледнат индексите на Волстрит, на Дау Џонс или ЕсендПи 500, може да забележиме дека го има истиот тренд на брз пад и потоа нагорен тренд. Објасни дека тоа е јасен показател кој кажува дека се работи за директна реакција на светските пазари на руската воена интервенција во Украина.

-Актуелниот руско-украински конфликт е комплексна ситуација и за да ја појасниме треба да направиме малку поширок осврт, бидејќи има двострано влијание и економските анализи се поделени. Од една страна, самиот конфликт предизвикува потрес на пазарот на криптовалути, што е очекувано и како што напоменавме, не е ограничено само на тој пазар. Падот на вредноста беше над 11%, но веднаш потоа имаше (за малкумина неочекувано) враќање на вредноста и нагорен тренд. Тоа се должи на обратното влијание на кризата. Односно, по почетната паника, многубројни анализи и водечки пораки на инвеститори во крипто-светот јасно нагласија дека во ваква неизвесна ситуација криптовалутата е, можеби, најдобра алтернатива во моментот, бидејќи руско-украинскиот конфликт не е само воен, туку е и економски, објаснува Гошевски.

Адвокатот смета дека санкциите кои се насочени кон руската економија одат во фази, а последна фаза е исклучување на Русија од SWIFT, која е главна меѓународна платежна мрежа.

-Но, тоа пак, отвара уште едно дополнително прашање – дали и колку, сега, руската економија (ќе) се потпира на криптовалутите како алтернативен пазар и начин на финансирање. Притоа не ограничувајќи се само на руската економија, туку и на одредени воени операции. Криптовалутите, кои пред само неколку месеци беа забранувани за рударење за Русија, сега стануваат нејзина алтернатива. Тоа најверојанто ќе повлече уште еден одговор од атлантската алијанса и се наоѓаме во една спирала на постојани акции и реакции, во кои криптовалутите си најдоа свое значително место. Затоа пазарот е турбулентен и секако дека ќе ги следи настаните и, во зависност од развојот, ќе се анализира и значењето на новата дигитална економија во време на конфликти, подвлекува тој.

Дали тоа значи дека криптовалутите може да се злоупотребуваат при вакви конфликтни дејствија, Гошевски истакна дека при освојувањето на Кабул од страна на Талибанците и бегалската криза, голем дел од тие кои го напуштаа Авганистан својот капитал го префрлија во Биткоини.

Душко Гошевски

Душко Гошевски

-И овде одговорот е двонасочен. Само да потсетиме – она што сега се случува во Украина веќе го видовме минатата година во Авганистан. Имено, при освојувањето на Кабул од страна на Талибанците и бегалската криза, еден голем дел од тие кои го напуштаа Авганистан својот капитал го префрлија во Биткоини. Откако беа на безбедно, си го заменија повторно во против-вредност во местата каде што ги продолжија своите животи. За жал технологијата не беше толку напредна и проширена за време на сириската криза која започна пред 10-тина години, па голем дел од бегалците не можеа да го понесат својот капитал или беа ограбувани додека бегаа кон западна Европа, дециден е Гошевски.

Тој појаснува дека главен фактор кој негативно влијае на рударењето во овој момнет или копањето на криптовалути е енергетската криза, која е за очекување дека со новиот воен конфликт ќе се засили.

-При пад на вредностите на сите берзи, единствено во пораст се природните енергенси и житото, секако како одговор на конфликтот помеѓу две држави кои се значајни производители на тие намирници. Добро е да се напомене дека во последно време, сериозно се размислува на оваа тема од зелена перспектива, при што најновите инвенции се во машини за рударење кои трошат многу помалку енергија, машини на друг вид на енергенси како метан и сл. Од енергетската одржливост во голема мера ќе зависи интересот и обемот на рударењето на криптовалутите, појаснува Гошевски.

Во ворска со размислувањата на Европскиот парламент да ги забрани криптовалутите врз основа на доказ за работа (PoW), адвокатот вели дека овие најави прават притисок на тој пазар да размислува во одржливи и енергетски механизми со цел да се насочат инвенциите првенствено во тој дел што веќе и се случува.

-Има информации дека при припремата на регулаторната рамка за пазарот на криптовалути (MiCA) може да има одредби кои ќе го отежнат или забранат работењето на еколошки неодржливите механизми. Оваа рамка треба да биде усвоена до 2025 година и овие најави се притисок на тој пазар да размислува во одржливи и енергетски механизми и да се насочат инвенциите првенствено во тој дел што веќе и се случува, вели тој.

Б.М.

Слични содржини