Транспортерите не прифаќаат да превезуваат стока за и од Русија, Украина и Белорусија

од Vladimir Zorba
601 прегледи

„Заглавени возила во Украина”, под овој наслов Асоцијацијата на транспортери Макам-транс ги повикува превозниците чии возила останале во кризните подрачја и не можат да заминат, да се јават доколку им е потребна помош. Повикот уследи откако минатата недела добиле барање од возач како да постапи со камионот кој му се наоѓал во Украина а бил натоварен со стока за Руската федерација. Според информациите на Макам-транс на сите гранични премини има големи застои и гужви но засега нема „заробени” возила на териоторијата на Украина.

„Никогаш не се знае па затоа имаме отворен повик до нашите членки навреме да информираат за да може да се интервенира и побара соодветна помош доколку се појават одредени проблеми. Поголем број од нашите членки кои пред се превезуваа стока за и од Русија, Белорусија и Украина, сега засега не прифаќаат таков вид на превози со оглед на актуелната ситуација, се со цел да не се доведат во ситуација да им бидат заглавени возачите и возилата во општиот метеж кој постои на тој дел на Европа“, вели за „Локално“, генералниот секретар на Макам-транс Биљана Муратовска.

Иако се уште нема санкции за забрана за вршење на превоз кон Русија, превозниците се чини дека први ги почувствуваа последиците од воените активности во Украина бидејки како што вели Муратовска, за нив не постои можност да прават залихи и ако сакаат да опстанат мора да се движат. Штетите веќе се бројат вели таа, а фактот дека се намалува обемот на превоз, се зголемуваат трошоците, се намалува сигурноста за наплата на побарувања од извршените превози,укажува на тешкотиите со кои ќе се соочат превозниците како и сите останати правни субјекти на кои прометот драстично ќе им се намали.

„Економските санкции кои се спроведуваат кон Русија, значи запирање на сите превози кои македонските превозници ги вршат од трети земји кон Русија и оние малку превози кои започнуваат дирекно од нашата држава. Освојување на нови транспортни пазари ќе преставува голем ризик и тешкотија затоа што секоја држава пред се ќе ги штити сопствените превозници. Конкуренцијата ќе биде немилосрдна и на штета на превозниците кои се од малите држави како што е нашата“, децидна е таа.

Поради неизвесната ситуација на терен, од Макам-транс потсетуваат на дежурниот телефон на МНР 075 273732 и на препораките за воздржување од патување кон Украина и Руската Федерација.

К.В.С.

Слични содржини