Прекумерното гледање телевизија буквално може да ви го намали мозокот, предупредува Рајан Доерти од Школата за јавно здравје на Универзитетот „Џонс Хопкинс“. Студијата на податоците собрани во текот на 20 години и објавени во списанието „Brain Imaging and Behavior“, покажа дека зголемувањето на количината на гледање ТВ може да доведе до намалување на количината на сива материја, а со тоа и до намалување на невроните кои ги извршуваат повеќето ментални процеси.
Кај поединците кои во просек гледале телевизија час и половина повеќе од нивните врсници, нивниот волумен на мозокот се намалил за приближно 0,5 проценти. Тој процент можеби некому му изгледа мал, но преовладувачката научна мисла е дека зачувувањето на интегритетот на мозокот може да го продолжи времето пред когнитивниот пад, предизвикан од стареењето, објаснува Доерти.
Студијата користеше континуирана лонгитудинална студија за развој на ризик од коронарна артерија кај млади возрасни (CARDIA), започната во 1985 година од страна на Националниот институт за срце, бели дробови и крв на САД и во која беа вклучени повеќе од 5.000 учесници. На секои пет години, од нив се барало да го наведат просечниот број на часови поминати пред телевизорот.
Податоците покажуваат дека луѓето гледаат телевизија во просек по 2,5 часа дневно. За оние кои гледаат телевизија четири часа или повеќе, скенирањето со магнетна резонанца покажало намалување на сивата маса за 0,5 проценти на 50-годишна возраст.
И додека претходните истражувања тврдеа дека редовната физичка активност може да го забави когнитивното опаѓање, оваа студија покажа намалување на сивата материја кај сите субјекти кои премногу „зјапале“ во екранот, без разлика дали редовно вежбале или не. Ова сугерира дека само зголемувањето на физичката активност не ги негира негативните ефекти поврзани со гледањето телевизија.
Се разбира, велат истражувачите, тоа не значи дека вежбањето треба да се занемари, но гледањето телевизија треба да се замени со други седечки активности како игри на табла и решавање загатки и крстозбори кои, покажаа некои други истражувања, помагаат да се зачува сивата материја.