Пет години подоцна: Уставен суд ќе ја разгледува одлуката за изборот на Џафери за претседател на Собранието

од Берта Китинска
197 прегледи

Уставниот суд на денешната седница ќе ја оценува уставноста на изборот на Талат Џафери за претседател на парламентот, на 27 април 2017 година.
Неговиот избор беше повод за упадот во Парламентот и за сето тоа што следеше потоа.

Уставните судии ќе ја разгледаат иницијативата за оценување на уставноста на првата одлука за избор на актуелниот претседател на парламентот, иако, во меѓувреме, во август 2020 година, Џафери беше и реизбран на функцијата, овој пат во далеку помирна атмосфера, а по последните парламентарни избори.

На дневен ред на седницата на судот, меѓу другото, се иницијативите поднесени на Одлуката за избор на претседател на Собранието бр. 08-1108/1 од 2 мај 2017 година („Службен весник на Република Македонија” бр. 53/2017). Подносители на иницијативите се Тодор Петров, претседател на Светски македонскик конгрес, Васко Лазески од Кичево, Богдан Илиевски и Борис Дамовски од Скопје и Томе Тодоровски, адвокат од Свети Николе.

Во една од иницијативите е наведено дека оспорената одлука е потпишана од неовластено лице во својство на заменик-претседавач на конститутивната седница на Собранието, чие продолжение се одржа на 27 април 2017 година.

Подносителот смета дека оспорената одлука за избор на претседател на Собранието на Република Македонија не е во согласност со членот 63 став 1 од Уставот поради тоа што не била донесена на седница на Собранието на која требало да претседава претседателот од претходниот состав, кој ја свикува конститутивната седница не подоцна од 20 дена по одржаните избори (на 11 декември 2016 година).

Меѓу другото, во иницијативата се наведува дека оспорената одлука за избор на претседател на Собранието, фактички, била донесена по затворање на седницата на 27 април 2017 година, од неопределен број пратеници и со тоа биле сторени повеќе кривични дела.

Оспорената одлука, како што се наведува, била потпишана од пратеникот Горан Мисовски, кој не бил претседавач на конститутивната седница.

Џафери првпат беше избран за претседател на парламентот, на продолжение на конститутивната седница на деветтиот собраниски состав, која почна на 30 декември 2016 година, кога беа верификувани мандатите на новите пратеници, а потоа, поради низа опструкции, нејзиното продолжение беше закажано на 27 април следната година. Во моментот на изборот на Џафери за нов спикер, во собраниската сала навлегуваа демонстрантите против т.н. тиранска платформа, кои со месеци протестираа пред зградата на Собранието.

Слични содржини