Полскиот премиер Матеуш Моравјецки денеска побара од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Европската унија да воведе ембарго за увоз на руски јаглен, гас и нафта како следен пакет санкции.
„Дел од пакетот санкции треба да биде блокадата на нафта, гас и јаглен од Русија. Уште еднаш апелирам до Европската комисија да се согласи на ембарго на рускиот јаглен. Полска може во секое време да воведе ембарго на рускиот јаглен. Ни треба само еден збор, уверување од Европската унија дека нема да биде казнета поради тоа“, рече Моравјецки на прес-конференцијата со Мишел на аеродромот во Жешов, југоисточна Полска.
Полскиот премиер рече дека покрај главната тема за хуманитарната помош за украинските бегалци, од кои во Полска има повеќе од 453.000 и помошта за Украина, разговарал и за санкциите против Русија.
„Тие санкции мора да бидат колку што е можно подалекусежни за да се запре руската воена машинерија. Тоа е неопходно за да можеме да се вратиме на мировните разговори“, рече Моравјецки.
Мишел не исклучи натамошни санкции, но рече дека сега приоритет е спроведување на претходните санкции договорени во ЕУ и со сојузниците.
„Реакцијата беше одлучувачка. Санкциите ги опфатија руските олигарси, руските елити и претседателот на Русија (Владимир Путин). Работиме на тоа да бидеме подготвени доколку се разгледаат други опции. Но во моментов го спроведуваме она што веќе го решивме“. рече Мишел, цитиран од полската телевизија „Полсат“.