Османи на Советот за човекови права на ОН: Украинците трпат неправедна агресија

од Nikola Popovski
194 прегледи

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес учествуваше на 49-та сесија на Советот за човекови права на ОН во Женева, како дел од Сегментот на високо ниво. На сесијата која трае од 28 февруари до 2 март, учествуваат шефови на влади и држави, како и министри за надворешни работи, со цел да се реафирмира важноста на работата на Советот за човечки права и неговите механизми за справување со предизвиците за уживање на основните права и слободи.

Во своето видео обраќање, Османи истакна дека не може да се зборува за човековите права во нашата земја и во светот, без притоа да не изразиме сериозна загриженост за влошената состојба со основните човекови права на украинските граѓани како резултат на воената агресија од страна на Русија.

„Солидарност со украинскиот народ, за неправедната агресија врз нивната држава. Официјален Кремљ треба да ја запре воена агресија и да ѝ остави простор на дипломатијата, затоа што човековите права страдаат најмногу за време на војните. Ова претставува сериозно кршење на меѓународното право, Повелбата на ОН, принципите и заложбите на ОБСЕ и ја загрозува глобалната стабилност“, кажа Османи.

Османи потенцираше дека човековите права и нивната заштита треба да бидат во центарот на вниманието, особено правата на најранливите категории. ,,Промоцијата и унапредувањето на човековите права, мултилатералната соработка и меѓународниот поредок се и ќе продолжат да бидат основа на надворешната политика на Република Северна Македонија и за време на претстојното претседавањето со ОБСЕ во 2023 година’’, заклучи  Османи.

МНР Османи,  исто така  учествуваше и на панел дискусијата организирана од Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба на тема: ,,Нападот на Русија врз Украина и неговите последици врз човековите права”, на кој Османи најостро го осуди воениот напад на Русија врз Украина, што претставува директно прекршување на човековите права и неприфатлив преседан.

Слични содржини