Прекинот на огнот ќе биде на дневен ред на новите руско-украински разговори во четврток, соопшти Русија, додека продолжува да ги бомбардира украинските градови.
Русија, исто така, за прв пат објави податоци за своите 500 загинати војници од почетокот на инвазијата.
-Украинските пратеници веќе се на пат кон „преговарачката локација“ во Белорусија за втор круг разговори, соопшти кабинетот на украинскиот претседател.
-Преговорите ќе започнат во четврток наутро на местото „заеднички определено“ од страните, лоцирано „недалеку од границата со Полска“, рече рускиот преговарач Владимир Медински.
-Украинската делегација веќе го напушти Киев. Очекуваме да бидеме овде утре наутро, рече претставникот.
Првите разговори одржани во понеделникот, исто така во Белорусија, не дадоа опипливи резултати. Киев бараше итен прекин на инвазијата, а Москва се чинеше дека очекува предавање.
Во исто време, Генералното собрание на ОН во средата усвои резолуција со која се повикува „Русија веднаш да престане да користи сила против Украина“. Само пет земји беа против, а 35 беа воздржани, вклучително и Кина, од 193 членки на организацијата.
Во текстот, ОН бараат од Москва „веднаш, безусловно и целосно да ги повлече сите свои воени сили“ од Украина и „ја осудува одлуката на Русија да го подигне нивото на подготвеност на нуклеарните сили“.