Родители бараат да имаат работно тело во МОН за партнерски да се решаваат проблемите

од Берта Китинска
204 прегледи

Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има” бараат да се оформи работно тело од родители во склоп на Министерството за образование и наука за партнерски да се решаваат проблемите во основното образование, а пред сѐ оние што произлегле од Концепцијата донесена минатиот март, која треба да се преоцени.

-Очекуваме дека Министерството наскоро ќе го формира ова тело на родители и заеднички со министерот и Министерството ќе пристапиме кон решавање на бројните проблеми коишто ги остави претходната министерка Мила Царовска. Реформите треба да се по мерка на ученикот, со длабока анализа и ревизија на Концепцијата да се согледаат недостатоците, а потоа да видиме што треба, а што не треба. Тоа не може да се случи наеднаш, туку етапно и ќе има доста работа. Даваме време, но многу е важно родителите директно да бидат вклучени во МОН, изјави Драгана Спасевска,
претставник на оваа граѓанска иницијатива која на Фејсбук ги обединува родителите кои се против тековните реформи во основното образование по средбата со министерот за образование Јетон Шакири.

Покрај ревизија на Концепцијата за основно образование и решавање на проблемите што произлегле од нејзината имплементација, задача на работното тело на родители би била и формирање национална комисија за образование која ќе треба да обезбеди широко учество на јавноста во креирањето и следењето на образовните политики.

-Тука треба да влезат институции, стручната фела – педагошки факултети, а не поединци како што беше претходно во работењето на МОН. Не да одлучуваат поединци и невладини сектори во МОН, додаде претставничката на Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има”.

Истакна дека нивното барање за заеднички да ги решаваат проблемите е и обврска на Министерството за образование и наука по одлуката што ја донесе Народниот правобранител по нивната претставка која била покрената по спроведени истражувања со вклученост на сите основни училишта во државава.

-Добивме доволно голем број податоци и аргументи дека Концепцијата не се спроведува како што треба односно таа ги прекршува фундаменталните човекови права на учениците и на родителите и не е се така како што беше изнесено на хартија, туку реалноста е малку поинаква. Самиот Народен правобранител донесе предлози да се надминат тие проблеми, рече Спасевска.

Слични содржини