Утрово Русија објави дека привремено ја прекинува офанзивата на пристаништето Мариупол и градот Волновак за да може цивилите да бидат евакуирани преку двата хуманитарни коридори договорени за време на последната рунда мировни преговори. Мерката ќе му овозможи на украинското цивилно население безбедно да го напушти градот, во текот на петте часа колку што ќе трае примирјето, наведува Гардијан.
Според руската агенција РИА, на цивилите ќе им биде дозволено да го напуштат Мариупол од пладне до 17 часот.
Русија претходно во саботата соопшти дека нејзините трупи, кои го опколија пристанишниот град во Азовското Море во јужна Украина, ќе престанат да пукаат и ќе дозволат минување на цивилите. Русија, исто така, планира делумен прекин на огнот за да дозволи хуманитарниот коридор да ја напушти Волновак. Цивилите на тој начин ќе можат да се движат кон Запорожје и ќе можат да користат специјални автобуски линии или да патуваат со свои автомобили, пренесува Гардијан.
Саботната евакуација е прва од неколкуте фази, објави градскиот совет.
„Со оглед на тоа што нашиот роден град постојано е под немилосрдниот оган на окупаторите, нема друго решение“, се вели во изјавата на градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко.
Украинската влада објави дека планот е да се евакуираат околу 200.000 луѓе од Мариупол и 15.000 од Волновак, а Црвениот крст е гарант за прекин на огнот.
Да потсетиме, Дениш Пушилин, лидерот на самопрогласената Доњецка Народна Република (ДНР), која Русија ја призна како независна држава, пред неколку дена објави дека стратешка цел на силите на ДНР е да го заземат пристаништето Мариупол на брегот на Црното Море. Оттогаш за овој град се води жестока битка.
„Задачата е да се опколи Мариупол“, рече Пушилин во телевизиско интервју, додавајќи дека „националистичките елементи во Мариупол го тероризираат цивилното население и го користат како жив штит“, но не понуди никакви докази за тоа тврдење.