Продолжува нормалното експоненцијално намалување на дневните броеви на новодијагностицирани. Последнава недела ефективниот репродукциски број Rt благо се поткачи на околу 0,93 +/-0.30, што е малку над 15-дневниот просек од околу 0,84. Но, не се жалиме, сé додека истиот е помал од единица со солидна резерва, пишува во својата ковид анализа проф.Дејан Трајковски.
-Најголемото дневно намалување во апсолутни бројки е зад нас (најстрмиот пад на зелената линија на вториот дијаграм), но процентуално би требало да продолжиме со истото темпо како досега. Моментално дневниот индекс изнесува околу 0,944, што значи дека во просек секој нареден ден бројот на нови случаи се намалува за околу 5,6%, односно неделно за околу 34%. Со ова темпо на намалување, до спорадично заразување (14-дневна инциденца под 20 случаи на 100.000 жители, односно околу 25 случаи дневно на ниво на држава) би требало да дојдеме после околу 55 дена, односно до крајот на април. Меѓутоа, со доаѓањето на пролетта и првите потопли денови би требало преносливоста дополнително да се намали, па оттука е можно спорадичното заразување да настапи и пред крајот на април, стои во анализата на професорот.