Руската агресија врз Украина веќе има сериозно влијание врз спортот, во сите аспекти и сфери. Воените дејствија веќе предизвикаа сериозни последици во сите спортови на украинско тло од одбојка до фудбал, па поради тоа во прекин се сите првенства во земјата. И додека помал број од странските спортиски останаа во земјава, немајќи можност да си заминат, голем дел од нив „спасија жива глава“ и веќе ја напуштија земјата. Еден од тие беше и македонскиот репрезентативец и член на Ворскла од Полтава, Ѓоко Зајков, кој кон крајот на јануари потпиша две и пол годишен договор со украинскиот прволигаш.
Зајков во разговор за „Локално“, информира дека после добрата полусезона во софиски Левски добил неколку понуди за замине уште во Јануари и една од тие била Ворскла.
-По мене таа беше најдобрата опција затоа што клубот се бори да игра во Европа. Околу воената ситуација имаше предупредувања меѓутоа далеку од сериозни и далеку од размислувања дека би дошло до ова денес, вели Зајков.
Фудбалерот додава дека во градот Полтава се било нормално и се функционирало како што треба и до последен ден немало никаква паника меѓу луѓето.
-Дента кога се случија првите бомбардирања имаше некои тензии и паника меѓу луѓето што е и нормално во таква ситуација, меѓутоа град ко град сеуште се нема ништо случено.

Во однос на евакуацијата од земјата, македонскиот репрезентативец информира дека заедно со уште 7 други странци соиграчи успеале да најдат две возила и тргнале вечерта на 24ти, кога и започна руската инвазија.
-Патувавме 47 часа до унгарска граница, беше многу напорно и тешко, меѓутоа во однос на проблеми, пукање и бомбардирање можам да кажам дека поминавме лесно, без проблеми, појаснува Зајков.
Тој вели дека дека во контакт со нашата амбасада и човекот што им ги позајмил превозните средства добиле информации за коридор од каде е најсигурно да се движат.
-Во однос на договорот сеуште имам договор, но немаме информација од клубот како, кога и што е следно. Мислам дека и ФИФА и УЕФА сеуште го немаат дефинирано тоа прашање во вакви ситуации. Така да додека не добиеме информација и одговор од клубот нема да можеме да дејствуваме, објаснува Зајков.
Тој додава дека во моментот нема контакт со ниту еден друг клуб.
-Околу моите украински соиграчи тие беа многу смирени и воздржани околу ситуацијата и до последен ден не веруваа на ниту една информација дека нешто вакво би се случило. Од нив никој не се изјасни дека сака да иде доброволно во војна освен ако не биде мобилизиран. Од странците само еден играч не успеа да си замине и остана таму, меѓутоа е на сигурно, информира Зајков.

Голем дел од сегашните и поранешните украински репрезентативци кои играат во странски земји со неверување и тага гледаат на целата ситуација. Еден од нив, членот на Манчестер Сити, Олександр Зинченко призна дека би се вратил дома да се бори, доколку не е неговата ќерка.
-Мојата мисија е да му покажам на светот што се случува и попрво би умрел отколку да се предадам. Многу сум горд што сум Украинец и тоа ќе бидам до крајот на животот. Немам зборови. Само плачам. Поминаа веќе многу денови, но понекогаш дури знам да излезам и да почнам да плачам. Замислете дека местото каде што сте родени, каде што сте израснале, сега е празно поле, рече Зинченко во интервју за Би-би-си.
Прославениот напаѓач и капитен на украинската репрезентација и нејзин поранешен селектор, Андриј Шевченко, повика на прекин на војната што Русија ѝ ја наметнала на неговата земја. Тој појасни дека е растргнат помеѓу враќањето во татковината и активното учество во војната и сфаќањето дека може да направи повеќе од тоа со подигање на свеста и собирање средства во Лондон.
-Многу сум горд што сум Украинец. Ова се тешки времиња за мојата земја, мојот народ и моето семејство. Мајка ми и сестра ми и натаму се во Киев, а таму се случуваат страшни работи. Луѓе умираат, деца умираат, проектилите се свртени кон нашите домови. Мора да ја завршиме оваа војна, мора да најдеме начин да го направиме тоа, изјави легендата на украинскиот фудбал.
Н.П.