Моментално не постојат информации за воен конфликт на Балканот, информира вечерва македонскиот шеф на дипломатијата, Бујар Османи во гостувањето на емисијата „Клик плус“.
Според него, како членка на НАТО сега имаме разузнавачки и кредибилни информации.
-Како пример за тие информации како членка на НАТО ќе посочам дека знаевме точно кој ден и во кое време ќе започне руската инвазија на Украина. Во моментов не постои опасност за жариште на Балканот, додаде Османи.
Шефот на дипломатијата истакна дека испратиле покана до сите Министерства за надворешни работи од регионот за итна средба.
-Како резултат на случувањата од украинската криза, ние пративме покана до сите министерства за надворешни работи од регионот за итна средба, координативна средба, на која најмалку што можеме да направиме е да ги искажеме нашите официјални ставови, секој поединечно, потенцира Османи, информирајќи дека досега само Црна Гора ја прифатила поканата.
-Се надеваме дека сите земји ќе прифатат да присуствуваат на средбата, кажа министерот за надворешни работи.