Пендаровски: Конфликтите покажуваат дека жените можат еднакво да бидат во првите редови и да се борат за правда

од Nikola Popovski
219 прегледи

По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на жените 8-ми март, претседателот Стево Пендаровски потсетува дека борбата за женските права е секојдневна и сѐ уште е борба за еднаквост и достоинствен живот.

-Покрај зголемената свест за правата на жените, донесените законски решенија и програми, на патот кон еднаквоста ни остануваат многу предизвици во однос на доследната имплементација на политиките, како и во поглед на образованието и промената на родовите стереотипи и норми. Жените сѐ уште не се доволно застапени на политичките и економските позиции каде се носат клучните одлуки, а економската нееднаквост е јасно видлива и во бројни сектори каде жените се соочуваат со дискриминација и во поглед на платата и во поглед на пристапот и работните услови. Потребата од системско и доследно законско постапување на релевантните институции е клучно кон спречување и заштита од насилство врз жените, оценува Пендаровски.

Според претседателот, конфликтите и мировните операции ни покажуваат дека жените можат еднакво да бидат во првите редови, одлучно да се борат за правда, да придонесуваат во разрешувањето на конфликти, а честопати токму жените се жртви на воени злосторства.

-Не само денеска, секој ден е потребно да оддадеме почит за храброста на жените во воените конфликти и нивната улога во помирувањето. Родовата еднаквост е предуслов за слободно, развиено, демократско, праведно и отворено општество. Ги поздравувам заложбите на сите чинители кои работат на унапредување на родовата еднаквост и создавање на општество во кое жените сами ќе ги носат своите животни одлуки, ослободени од родово базирано насилство и сексизам, општество во кое на девојчињата нема да им биде спречен развојот поради предрасуди и стереотипи, стои во честитката на Пендаровски.

Слични содржини