Фудбалерот на Пари Сен Жермен, Килијан Мбапе е во тимот за претстојниот реванш осминафиналето на Лигата на шампионите против Реал Мадрид, соопшти денеска неговиот клуб.
Мбапе ја повреди ногата на тренинг за време на викендот, па француските медиуми шпекулираа дека тој би можел да го пропушти натпреварот во среда во Мадрид.
Пари Сен Жермен соопшти дека по новите прегледи е утврдено дека ситуацијата е подобра, поради што Мбапе е во тимот од 24 играчи, но дека во текот на денот ќе се знае дали младиот напаѓач ќе игра на реваншот.
Мбапе беше стрелец на победничкиот гол на првиот натпревар против Реал, во четвртата минута од продолжението.
Дефанзивецот Серхио Рамос ќе го пропушти натпреварот во Мадрид, поради повреда на десната нога, но со тимот ќе патува на дуелoт против клубот во кој настапуваше 16 години, од 2005 до 2021 година.
Тренерот на тимот од Париз, Маурисио Почетино изјави дека поранешниот капитен на Реал ќе може да им даде добри совети на соиграчите пред утрешниот натпревар.
„Секој придонес на Серхио може да биде позитивен, дури и одлучувачки“, рече Почетино.
Натпреварот поради конјунктивитис ќе го пропушти и Андер Ерера.
Дуелот помеѓу Реал Мадрид и Пари Сен Жермен се игра во среда од 21 часот во Мадрид.