Кривичен го одобри обвинението за тешката сообраќајка кај „Сити мол“

од Nikola Popovski
363 прегледи

Кривичниот суд ја информира јавноста дека советот за оценка на обвинителен акт, по одржана седница, донесе решение со што го одобри обвинението против Ј.Ѓ., осомничен за тешката сообраќајка што се случи кај „Сити мол“, во која загина младата Викторија Николова од Радовиш.

Според Судот, приговорите се одбиваат, а актот против обвинетиот Ј.Ѓ., осомничен за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од чл. 300 ст.2 в.в со чл. 297 ст.1 од КЗ, се одобрува во целост.

-Врз основа на оценетиот обвинителен акт формиран е кривично – правен предмет со К.бр 496/22 кој согласно АКМИС – системот ќе биде распределен на понатамошно постапување, а штом ќе биде насрочен термин за главна расправа истиот ќе биде објавен на веб страната на судот во делот „Календар на судења“, објавија од Кривичниот суд.

Обвинетиот Ј.Ѓ е се уште во притвор, откако ОЈО му определи поради постоење на опасност од бегство, влијание на сведоци и можност да го повтори делото.

-Осомничениот, на 20 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал со патничко моторно возило Цитроен Ц4 по булеварот „Партизански одреди“. Кога дошол до крстосницата со улиците „Московска“ и „Љубљанска“, каде светлосните сообраќајни знаци – семафори биле исклучени од програм и работеле со трепкаво жолто светло, тој постапил спротивно на член 19 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, односно иако бил должен не обрнал внимание на пешаците на коловозот. Спротивно и на членот 35, приоѓајќи кон обележан пешачки премин, осомниченио управувал со автомобилот со брзина поголема од 50 километри на час, со што бил оневозможен навремено да го запре возилото во случај на потреба. Со предниот дел од возилото удрил во двајца пешаци кои поминувале по обележаниот пешачки премин. Еден од пешаците, девојка на возраст од 24 години, притоа се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место, додека другиот пешак бил повреден и пренесен во болница.

Осомничениот возач ги оставил без помош повредените лица и останал во своето возило до доаѓањето на увидната екипа, соопштија од Јавното обвинителство.

Слични содржини