Евертон е во опасност да стане првиот клуб кој ги прекршил правилата за финансиски фер-плеј кои моментално важат во Премиер лигата.
„Карамелите“ се уште го немаат објавено финансискиот извештај за сезоната 2020/21, но тоа би требало да го сторат овој месец.
Според „Дејли Мејл“, новите загуби се очекува да надминат 100 милиони фунти. Клубот веќе забележа загуби од 260 милиони за периодот 2017-2020 година, што во нормални околности автоматски би значело дека Евертон е во прекршок, бидејќи на клубовите им е дозволено да имаат загуби од 105 милиони фунти во текот на три години.
Правилата беа делумно променети поради пандемијата, со уште една година додадена на тригодишниот период што се разгледува. Двете сезони кои беа погодени од ковид-кризата се здружуваат во едно, каде индикаторите се земаат просечно.
Ако некој клуб ги прекрши правилата, може да биде парично казнет или казнет со одземање поени. Во Премиер лигата засега нема таков случај, но „Дејли Мејл“ тврди дека постои сериозен ризик Евертон да стане првиот таков клуб. Сепак, инспекцискиот процес ќе трае неколку месеци, па таква санкција може да биде изречена едвај на крајот на сезоната.
Евертон веќе испрати петиција до Премиер лигата во која се бара да се направи нова компензација за последиците од пандемијата.
„Карамелите“ до денес воопшто не се сигурни за останување во елитата, бидејќи моментално се само бод над зоната за испаѓање.