„Имаме резерви на нафта согласно нашите потреби, ние можеме да ја купиме цела нафта на светот но мораме да ја складираме некаде. Производителите на нафта низ целиот свет плаќаа за чување на нафтата низ секакви складови. Цената на нафтата која ја имаме во резерва е со пониска цена, но количините се ограничени и тие што можете да ги купите и тие што може да ги складирате.“, изјави премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто за ТВ 24.
Тој додаде дека ова е најголемата криза што ја зафатила Европа по Втората светска војна и дека никој не може да предвиди до каде ќе оди.
„Цената на нафтата во последните пет дена расте по 100 долари дневно. Ние сме земја што 100 отсто увезува нафта и нафтени деривати и очекувам дека цената ќе продолжи да расте“ рече Ковачевски.
Потенцираше дека уште утре пред пратениците ќе се најдат измените на законите кои се важни за импелметација на мерките кои Владата ги определи за ублажување на кризата.
„Потпишани се измените на Законот за акцизи и на Законот за данок на додадена вредност и апелирав до сите пратеници да се на ниво на задачата, и согласно кризата, тие да гласаат за што побрзо за да почне нивната примена“, рече Ковачевски.