Советничката во Град Скопје од СДСМ Лилјана Божиновски на седницата наменета за советнички прашања до градоначалничката Данела Арсовска постави прашања за набавка на автобуси што ја најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
– Мицкоски на партиски настан рече дека тој преговарал за набавка на 100 нови електрични автобуси.Моето прашање до градоначалничката е кој го овластил и во кое својство лидер на политичка партија преговара за набавка на автобуси за потребите на Град Скопје?Ова е особено важно бидејќи денеска во судот имаше признанија за нелегална набавка на кинеските автобуси, а најавата на Мицкоски зборува дека станува збор за речиси идентична набавка и евентуално ново кривично дело, кажа Божиновски.
Градоначалничката Арсовска смета дека нема ништо спорно во тоа што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски преговара за набавка на автобуси и дека тој за разлика од СДСМ работи на реализација на проекти и носење инвестиции во земјава.
-За нешто да се набави, не мора да има пари, може да има грант, може да има проекти или европски донатори. Мене многу ме радува тоа што некој во оваа држава е проактивен и сака да донесе некоја инвестиција за разлика од вашите министри кои не најдоа за сходно 4 месеци да се јават и да речат – ајде нешто да направиме за граѓаните на Скопје, рече Арсовска.