Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) потврди дека денеска нема да има промена на цената на нафтените деривати бидејќи не се исполнети условите за тоа. Во однос на предложените законски измени кои се во собраниска процедура, од РКЕ велат дека ќе имаат седница веднаш штом се изгласаат измените на Законот за акциза во Собранието и се објават во Службен весник.
Министерот за економија Крешник Бектеши денес информираше дека од следната недела РКЕ ќе почне да носи одлуки со кои ќе се намали цената на горивата.
-Имајќи ги во предвид вчерашните цени на берзите и цената пред 2 дена, јас очекувам согласно анализата од утре, а многу е важно да се наведе дека веќе од понеделник ќе имаме не поевтини цени од регионот туку значително поевтини цени од регионот, рече Бектеши.
Од 11.3.2022 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати изнесуваат:
-Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 93,00 (денари/литар)
-Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 95,00 (денари/литар)
-Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 97,00 (денари/литар)
-Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 92,50 (денари/литар)
-Мазут М-1 НС 60,569 (денари/килограм)
-Донесовме одлука со која ја намаливме трговската маржа за 33% на сите трговците со нафтени деривати. Ова е единствен механизам кој на РКЕ му стои на располагање. И сега го активираме затоа што ова се вонредни услови, и мора сите да покажат солидарност. На овој начин, во крајната цена влијаеме делумно да се амортизира огромниот пораст. Дополнително олеснување врз притисокот на крајната цена ќе бидат и најавените измени во делот на ДДВ и акциза, кои апелираме побрзо да се донесат, изјави пред два дена Марко Бислимоски, првиот човек на РКЕ.