Граѓани со месеци пријавуваат кафеана во Карпош 3 поради отпадот кој го предизвикува – институциите си ја префрлаат топката

од Vladimir Zorba
650 прегледи

Службите на Комунална хигиена Скопје (КХС) веќе неколку пати имаат направено записници за отпадот кој го прави кафеаната „Буре-Срна“ во Карпош 3, кои се предадени до Инспекторатот во Град Скопје, од каде сѐ уште нема реакција, вели во изјава за „Локално“ Ќамуран Исмаили, Помошник Директор за организациски работи ЈП Комунална хигиена – Скопје.

„Нашата Еко-патрола активно работи на терен и реагира секаде каде што има потреба. По неколку пријави од граѓаните од околината реагирано е и за оваа ситуација, меѓутоа како што споменав погоре, Одделението за комунална инспекција во Град Скопје нема реакција“, вели Исмаили за случајот.

Отпадот кој наводно го исфрла кафеаната, отворена пред неколку месеци во населбата Карпош 3, веднаш до Сити мол, претставува, според граѓаните со кои зборувавме од висококатниците на Никола Русински, „вистински кошмар за тие кои живеат во околните згради“.

Според Филип Стефановски од КХС, за наведениот проблем на ул.Никола Русински тие како Јавно претпријатие, кое е задолжено за одржување на хигиената на јавните контејнери, нивно навремено празнење и депонирање на сметот, редовно секојдневно ја извршуваат нивната должност во трета смена со почеток во 22 часот.

– Нашата служба Еко патрола во месец февруари има извршено едукација и изготвено едукативни записници на наведениот објект, ресторан Срна, како треба да се третира сметот, вели тој за „Локално“ и додава дека прашањата треба да се упатат до Општина Карпош, односно до нивниот Инспекторат, кој е задолжен да изготвува мандатни казни за неправилно третирање и одлагање на сметот.

На прашањата на нашата редакција до Општина Карпош зошто не реагираат на пријавите на граѓаните и несовесното однесување на кафеаната, не добивме одговор до пишување на овој материјал.

Од фотографиите кои ни ги испратија наши читатели се гледа нередот кој, според нив, го предизвикуваат токму од кафеаната. Сликите навечер од отпадот кој го предизвикуваат, посебно по деновите пред и за време на викендот, се уште позагрижувачки.

Но најмногу загрижува фактот што маскирани лица доаѓаат и го истураат ѓубрето во подземниот контејнер кој е наменет само за граѓаните, според фотографии испратени до нашата редакција.

Од Инспекторатот на Град Скопје за „Локално“ пак велат дека првпат слушаат за овој случај, иако од КХС тврдат сосема нешто друго.

„Веднаш ќе биде даден налог за постапување на комуналните инспектори на посочената локација. Ова е прв пат да имаме претставка во однос на посочениот локал, ЈП Комунална хигиена официјално нема доставено никакви записници до Инспекторатот на град Скопје“, вели Мирослав Богдановски, главниот инспектор на Град Скопје.

Граѓаните на ул.Никола Русински во минатото имаа сличен проблем и со рибниот ресторан „Сидро 2“, кој го истураше своето ѓубре во контејнерите наменети за граѓаните, кои тогаш се уште не беа заменети со подземни и предизвикуваше миризба, неподнослива за околните згради.

По интервенцијата на граѓаните, проблемот беше решен и кафеаната почна правилно да го третира сметот, но за случајот со кафеаната „Буре-Срна“, карпошани се уште пријавуваат, но нема реакција од надлежните.

– Се надеваме дека овој проблем ќе се реши многу брзо, во спротивност ќе треба да преземеме други мерки кои би можеле да предизвикаат инциденти, велат граѓаните од околните згради, со кои разговараше „Локално“.

В.З.

Слични содржини