Серолошката анализа покажа дека 86 отсто од вакцинираните и 75 отсто од невакцинираните кои прележале ковид-19, имаат имунитет, истакна денеска министерот за здравство Беким Сали.
Тој напомена дека сè уште се наоѓаме на граница помеѓу жолта и зелена зона во врска со ковид-состојбата, но повеќе одиме кон жолтата.
„Оптимист сум за општата состојба кај нас, меѓутоа сè уште не сум оптимист за мерките“,истакна министерот.
Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје дека во последните 24 часа:Направени се 1.176 тестови, а регистрирани се 92 нови случаи на КОВИД-19: Скопје – 60, Кавадарци и Охрид – по 6, Прилеп – 5, Струмица – 4, Куманово и Гостивар – по 2, Тетово, Штип, Кочани, Струга, Гевгелија, Радовиш и Делчево – по 1.
Досега во земјата се направени вкупно 1.923.358 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 301.583, бројот на оздравени пациенти е 290.617, на починати е 9.150, а бројот на активни случаи изнесува 1.816.