Рајчановски: Ако ја зголемиме цената на такси превозот, ќе треба таксистите да ги паркираат возилата дома

од Берта Китинска
705 прегледи

Месеци наназад постојано се зголемуваше цената на горивото,така да таксистите ги укинаа сите попусти и сега возат по цена која е формирана пред 11 години, стартот е 40 денари, изминат 1 км чини 25 денари. Ако ја зголемиме цената на такси превозот, а знаеме каков е стандардот на граѓаните тогаш ќе треба таксистите да ги паркираат возилата дома, бидејќи ќе нема кого да возат, вели за „Локално“, Сашо Рајчановски, претседател на Групација на автотакси-превоз превоз на Град Скопје.

Според Рајчановски, покрај високата цена на горивото уште посериозен проблем со кој се соочуваат такси превозниците е нелојалната конкуренција, не пријавените такси возачи, нелиценцираните такси возила и такси возилата кои се без фискални таксиметри кои наплатуваат високи цени на граѓаните, а со тоа го нарушуваат угледот на такси дејноста.

– Има решение само прашање е дали институциите сакаат да го решат такси хаосот или постојано ќе го користат како издувен социјален вентил. Единствено решение за да остане истата цена, а таксистите и граѓаните да бидат задоволни, а институциите да не ги чини ниту еден денар е расчистувањето на нелојалната конкуренција, вели претседателот на групацијата.

За да не дојде до зголемување на цената Рајчановски смета дека треба да се отстранат возилата кои се без лиценци, без фискални таксиметри и без пријавени такси возачи.

– Тогаш ќе имаме делумно расчистување на сообраќајниот метеж, ќе можат регуларните легитимни такси возила непречено да ја обавуваат својата дејност, ќе се зголеми работата на таксистите и што е најважно, ќе имаат многу помалку празни возења, бидејќи ќе има место на такси станиците, додава тој.

Покрај сето ова смета дека пензионерите се опасност за вршење на дејност за јавен превоз на патници.

-Пензионерите се нелојална конкуренција, не плаќаат придонеси, не се пријавени во АВРМ, си земаат пензија и заедно со регуларните таксисти ја делат заработката. По основ на пензија на пензионерот му престанала неговата работната способност, а институциите преќутно дозволуваат тие и други возачи кои не се пријавени во АВРМ да вршат авто-такси дејност, вели Рајчаноски.

Сега за сега ова е решението, смета тој објаснувајќи дека ако не се расчисти нелојалната конкуренција или и понатаму продолжи зголемувањето на цената на горивото ќе мора да бараат финансиска помош и зголемување на цената на авто-такси превозот.

– Градот Скопје како организатор на авто-такси превозот има обврска на граѓаните да им обезбеди сигурен и безбеден превоз, а на таксистите да им створи услови за непречено функционирање на авто-такси дејноста, вели тој.

Во Куманово се вози поскапо такси

Додека скопските такси превозници кои се лиценцирани имаат решение како граѓаните да не бидат оштетени финансиски при економската криза и изнаоѓаат решение да не се покачат такси услугите, газдите на кумановските такси компании воведоа нови цени.

Скоро три месеци во поголемиот дел од Куманово нема јавен превоз, затоа што изборот на нови превозници е заглавен и е во жалбена постапка.Поради овие причини поголем дел од кумановчани кои живеат во најголемите пригратски населби се приморани на работа и за други потреби да користат такси услуги со повисока цена.

Од пред четири дена Советот на Општина Куманово донесе одлука за поскапување на такси превозот во градот иако предходно такси компаниите и дивите превозници сами си ги зголемија цените. Новата цена е 80 денари на старт за возење до два килметра и 40 денари секој нареден километар, наместо 60 денари старт и 30 денари по километар, како што беше досега.

Кои се причините за поскапените услуги на такси превозниците во Куманово, газдата на такси „Принц“ ни рече дека за истите би требале да се информираме од кумановските медиуми и дека и ние би постапиле исто кога би точеле гориво по поскапена цена, а газдарицата на компанијата „Спид“ ни рече сами да си дадеме одговор за покачувањето.

М.А./Б.М.

Слични содржини