Министерот за спорт на Велика Британија Најџел Хадлстон изјави дека на поединечни спортисти од Русија и Белорусија ќе им биде дозволено да учествуваат на спортски настани во Велика Британија само доколку докажат дека не се поврзани или не ги поддржуваат лидерите на нивните земји.
Данил Медведев, кој само за кратко успеа да го собори Новак Ѓоковиќ од првото место на АТП листата, е еден од спортистите на кои му се заканува забрана за настап на Вимблдон.
На рускиот тенисер ќе му биде дозволено учество на Вимблдон само доколку организаторите на турнирот добијат докази и уверување дека Медведев не ја поддржува политиката на Владимир Путин и не го користи руското знаме, јавуваат бројни британски медиуми.
Хадлстон наведува дека во моментов се водат преговори меѓу руските тенисери и „Ол Ингланд клуб“ кој е организатор на престижниот тениски турнир.
Медведев не се задржа долго на врвот на АТП листата, бидејќи загуби вредни бодови со раната елиминација на Индијан Велс.