Ковачевски: Стопанственици од Катар сакаат да инвестираат во земјава

од Nikola Popovski
340 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од министерката за одбрана, Славјанка Петровска, се сретна со делегација од Државата Катар, предводена од Халид бин Мохамед Ал-Атија, заменик-премиер и државен министер за одбрана.

На состанокот е изразена заедничка определба за унапредување на соработката во областите на одбраната и на економијата.

Пренесена е покана до премиерот Ковачевски, од премиерот во Доха, за официјална посета на Катар.

Оценето е дека Република Северна Македонија покажува лидерство во решавањето отворени прашања и бележи напредок.

Претседателот на Владата, Ковачевски, соопшти дека Република Северна Македонија ја смета Државата Катар за пријателска земја и соопшти дека постои заинтересираност за претставување на можностите за инвестирање во нашата држава, пред стопанствениците во Катар.

„Вложуваме во стандардот на граѓаните и сериозно сме заинтересирани за нови инвестиции. Имаме закони според европски стандарди и монетарни политики според стандардите на ММФ. Стабилни се денарот и макроекономските параметри. Исто така, придонесуваме во регионалната стабилност како држава членка на НАТО и преку развојот во иницијативата Отворен Балкан. Сето ова отвора можности за развој на меѓусебната соработка“, рече премиерот Ковачевски.

Во однос на одржувањето на мирот во светот, споделен е ставот дека од суштинско значење е доаѓањето до решенија преку дијалог.

Во врска со ситуацијата во Украина, премиерот Ковачевски нагласи дека позицијата на Република Северна Македонија е во целосна согласност со позициите на нашите стратешки партнери НАТО, САД и ЕУ, со најостра осуда на руската инвазија на Украина.

Слични содржини